Палестинците рано утрово лансираа десетици ракети од Газа кон Еруслим, а Израел возврати со нови воздушни напади на палестинска крајбрежна енклава во најновата ескалација помеѓу двете страни. Водачите на Хамас се заканија со нови напади откако стотици Палестинци беа повредени во вчерашните судири со израелската полиција пред џамијата Ал-Акса во Источен Ерусалим. Ракетниот напад се случи откако Хамас му даде рок на Израел да ги повлече силите од комплексот Ал-Акса. Локалните медиуми тврдат дека над 300 лица биле повредени во судирите, демонстрантите фрлале камења кон полицијата, а тие возвратиле со шок бомби. Претходно, полицијата им забрани на Евреите да доаѓаат во делот на градот околу џамијата Ал Акса за време на маршот по повод Денот на Ерусалим, што беше одбележан вчера во спомен на настанот кога израелската армија го зазеде Источен Ерусалим во 1967 година. Во немирите беа повредени и 21 полицаец.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху пак рече дека со ракетниот напад врз предградијата на Ерусалим, терористичките организации во Газа ја преминале „црвената линија“. „Нема да толерираме напади на нашата територија, врз граѓани и војници, а кој и да ги нападне, скапо ќе го плати тоа, рече Нетанјаху.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, соопштил дека ќе направи се што е во негова моќ да го мобилизира исламскот свет за да го спречи т.н. “терор на Израел против Палестинците”.

Дел од Палестинците сметаат дека ова е намерна провокација. Годинашното одбележување се совпадна со последните денови на исламскиот свет месец Рамазан.

Во Газа, синоќа во израелските напади беа убиени 22 лица, од кои девет деца, над 700 Палестинци беа повредени во судирите со израелските сили во Ерусалим и преку Западниот брег во последните 24 часа, 500 од нив беа примени во болници, пренесуваат светските агенции.

 

Последниот бран судири меѓу Палестинците и израелската полиција започна во петокот вечерта на планината Храмот во Ерусалим, свето место и за муслиманите и за Евреите. Тензиите се зголемија и околу потенцијалното иселување на Палестинците од земја за која тврдат еврејските доселеници, а судот, кој требаше да донесе одлука по жалбите на палестинските семејства во понеделник, го одложи рочиштето закажано за нов датум во следните 30 дена.

 

Поради ескалацијата на насилствата во источен Ерусалим синоќа се одржаа итни консултации во Советот за безбедност на Обединетите нации.