Габриела Мунро Даглас е 33-годишна жена која се обезбедила за цел живот благодарение на сличноста со Кејт Мидлтон. Дневно заработувала околу 1.000 фунти, присуствувајќи на корпоративни настани и приватни забави како двојничка на војвотката од Кембриџ.

Од дизајнерка на мебел до „војвотка“

– Мојата кариера како двојничка на Кејт започна во 2011 година. Живеев во Виндзор, каде работев како дизајнерка на мебел, а во месеците кои ѝ претходеа на венчавката на Кејт и Вилијам во април, луѓето постојано ме запираа и ми велеа дека изгледам како неа. Не размислував за тоа, но мајка ми, која во тоа време страдаше од рак на дебелото црево, ме убеди да испратам фотографии во агенција за двојници. За жал, мајка ми почина набргу потоа, а јас веќе во август го имав мојот прв ангажман како двојничка на Кејт Мидлтон – изјавила Габриела за британски „Сан“.

По мажењето за принцот Вилијам, Велика Британија полуде по Кејт Мидлтон, така и Габриела почнала да работи, а ангажманите на двојничката почнале да се нижат.

И Кејт бремена, и двојничката „бремена“

– Имаше неколку прекрасни работни ангажмани, како на пример, одењето на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Лондон 2012 година и настапот на „Икс-фактор“. Никогаш нема да заборавам кога Хари Стајлс побара да се фотографира со мене. Иако тоа ми беше работа, за мене тоа повеќе беше забава. Запознав многу славни луѓе, видов многу интересни места. Тоа се спомени што ги чувате цел живот – изјавила Габриела, која сериозно ја сфатила својата работа, па следела сè што се случувало со Кејт. Научила да се фризира и шминка како неа, а ги читала сите написи во весниците за неа и ја купувала истата облека. Кога Кејт носела фустан со точки, Габриела трчала по продавниците да го најде пред да се распродаде, а кога војвотката била бремена со Џорџ, Габриела носела вештачки труднички стомак.

– Е, тоа беше лудо. Кога беше објавено дека Кејт е бремена, туристите пред Бакингемската палата буквално ме тегнеа за да се фотографираат со мене. Еднаш бев со двојничката на Пипа Мидлтон (сестрата на Кејт) во стоковната куќа „Хародс“ и кога луѓето нѐ забележаа, настана стампедо – раскажала Габриела, која особено го памти моментот кога со двојникот на принцот Вилијам летела со прва класа во Австралија, бидејќи вистинскиот пар бил на австралиска турнеја во тоа време. На австралиската турнеја, двојниците ги обиколувале градовите, па дури наместо Кејт и Вилијам се појавиле и на австралиската телевизија.

И покрај тоа што било возбудливо и исплатливо, набрзо ѝ здодеало да живее туѓ живот, дури и ако тоа е животот на идната кралица на Велика Британија.

– Ми беше јасно дека со таа работа не можам да се занимавам на долги патеки. Затоа одлучив во 2016 година да започнам сопствен бизнис. Го запознав мојот партнер Мајкл во 2019 година, а денес живееме со седуммесечните близначки Меј и Џој во Лондон, во стан што го купив благодарение на мојата сличност со Кејт Мидлтон – заклучи Габриела.