Сејшелските Острови, каде што се целосно вакцинирани повеќе од 60 проценти од жителите, повторно воведуваат епидемиолошки мерки поради зголемен број заразени со коронавирусот.
Островската земја со речиси 100 000 жители забележа 1 068 нови случаи на 3 мај во споредба со 612 на 28 април, според податоците на Министерството за здравство.
Третина од активните случаи се лица што примиле две дози, објави државната новинска агенција. Другите или ја примиле само првата доза или не биле вакцинирани.
Училиштата се затворени, а спортските настани се откажани на две недели. Баровите, рестораните и продавниците работат со скратено работно време, а јавните собири се забранети.
Сејшелските Острови, чиј најголем приход доаѓа од туризмот, започнаа со вакцинирање на населението во јануари со кинески вакцини. Вакцините им ги отстапија Обединетите Арапски Емирати.
До 12 април, 59 отсто од дадените дози биле вакцини на „Синофарм“, а останатите биле „Ковишилд“, верзија на „Астра Зенека“ направена под лиценца во Индија.