САД и испраќаат на Индија залихи од повеќе од 100 милиони долари за да и помогнат во борбата против епидемијата со Ковид-19, соопшти Белата куќа.
САД ќе испратат повеќе од 1.000 боци за кислород, единици за производство на кислород, 15 милиони маски N95, милион брзи дијагностички тестови и друга опрема што им е потребна на индиските болници, се вели во соопштението. Најавено е и испраќање на милиони вакцини.
„Исто како што Индија испраќаше помош до САД кога нашите болници имаа проблеми за време на пандемијата, САД се решени да и помогнат на Индија“, соопшти Белата куќа.
Индија со денови бележи нови црни рекорди – вчера повторно имаше повеќе од 300.000 новоинфицирани, со што бројот на заразени во Индија достигна речиси 18 милиони со повеќе од 200.000 смртни случаи.
Болниците се преполни и отфрлаат пациенти поради недостаток на кревети и резерви на кислород.
Европската унија, Велика Британија, Германија, Русија најавија помош за Индија.