Албанската полиција изврши превентивна заплена на имот вреден околу 1.200.000 долари, кои му припаѓаат на 44-годишен албански државјанин, уапсен во САД, од американската ДЕА, кој е обвинет поради трговија со дрога.
Полицијата во Тирана соопшти дека продолжува да работи на пронаоѓање, идентификување и одземање на средства кои произлегуваат од криминална активност и оти во тие рамки, финализирана е полициската акција со кодно име „Испорака“.
– Одделот за истрага на перење пари и криминални средства во соработка со Обвинителството на судскиот округ Тирана, по неколкумесечна истрага, ја финализира операцијата под кодно име „Испорака“. По барање на Основниот суд во Тирана, извршена на превентивна заплена на имотот на Ј.Д. (44), уапсен од ДЕА во САД поради меѓународна трговија со наркотици од земјите од Латинска Америка во САД и Европа, се наведува во полициското соопштение.
Се додава дека согласно одлуката на Судот запленет е имот чија вредност е околу 1.200.000 долари и тоа трговски објект со приближна вредност од околу милион долари, друг деловен објект и банкарска сметка во вредност од околу 206.000 долари.
Полицијата посочува дека продолжуваат активностите за откривање на други средства кои би можеле да бидат регистрирани на име на други лица.