Администраторот и модераторот на првата група „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм добија обвинение за кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија. Обвинението го поднесе Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје и според соопштението, станува збор за две лица на возраст од 32 и 21 година.

„Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата обвинети, како основач и модератор на групата ’Јавна соба‘ на социјалната мрежа Телеграм, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, велат од ОЈО Скопје. Групата, како што е познато, веќе е згасната.

За двајцата обвините ОЈО Скопје бара да се продолжи притворот бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и оштетени и прикривање на трагите. Истрагата за првата група беше отворена на 5  февруари годинава.