Невладината организација Еко Герила упати писмо до Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски
во врска со прекините со водата во Тетово и бараат проблемот да се третира во рамките на Советот за национална безбедност.
„Со оглед на честите прекини во водоснабдувањето последните два месеца во Тетово, како и неспособноста на локалните институции и игнорирањето од страна на премиерот да одговори на нашето барање, ви се обраќаме за да влијаете со вашиот авторитет во решавањето на овој проблем.
На локацијата Лешница – Шар Планина, поради лизгање на земјата во новоизградената каптажа е оштетена мрежата за водовод. На само 200-300 метри во близина на каптажата се гради една од многуте мали хидроелектрани, кои ја уништуваат животната средина на Шар Планина.
Директорот на Државниот инспекторатот за животна средина во месец декември минатата година, предупреди дека Општина Тетово нема утврдено санитарна зона која би го заштитила изворот на водоснабдување на Тетово од можни загадувања, во кои спаѓаат и можни загадувања од градежните активности од изградбата на мали хидроелектрани на Лешница.
90-дневниот рок со кој Државниот инспекторат за животна средина го задолжи Општина Тетово за спроведување на одлуката за санитарна заштита не е почитуван. Бараме истрага за целиот процес на тендерирање и изградбата на водоводната мрежа во Лешница, со што ќе се утврди дали имало неправилности.
Ве повикуваме овој сериозен проблем кој директно влијае на животот и здравјето на луѓето во време на пандемија, да го третирате во рамките на Советот за национална безбедност за пронаоѓање трајно решение. Поради неспособноста на Општина Тетово да ги изврши работите предвидени со закон, ве замолуваме да го заштитите основното човеково и уставно право за пристап до вода. Земајќи ги предвид регионалните практики за забрана на овие хидро-централи, ве молиме разгледајте ја можноста за слично законско уредување“, стои во писмото на „Еко Герила“.