За вакцините на Фајзер, Филипче кажа дека е потврдено дека ќе стигнат во понеделник, и тоа со авион до Софија, а попладне со специјален транспорт ќе бидат донесени во Скопје.

Што се однесува до процесот на вакцинација, тој изјави дека заклучно со вчера вакцинирани се 35.000 лица, од нив 13.000 ја примиле вакцината Астразенека, како и дека деновиве има поголема фрекфенција на закажување на вакцинација.

Иако вчера рече дека нема потреба за нови вакцини и дека има доволно набавено, Филипче денеска најави дека во вторник идната недела претставници на Министерството за здравство ќе одат во официјална посета на Белград каде што ќе имаат средба со српскиот министер за здравство Лончар, но и со директорката на институтот Торлак и дека ќе разговараат за повеќе важни теми, вклучувајќи и стратешки план за набавка на вакцини во иднина. Според Филипче, сега не е потребна нова набавка на вакцини, но целта е Торлак да ни биде стратешки партнер во иднина, во зависност од тоа како ќе се одвива пандемијата.

Во однос на состојбата со болничките капацитети, тој кажа дека состојбата во болниците после мини притисокот во понеделникот е стабилна, нема голем неконтролиран наплив на пациенти и дека вчера и утрово имало доволен број слободни кревети.