Најновиот вирусен бран со новиот британски сој на коронавирусот не се споредува со минатите бранови. Вирусот во овој бран е многу поопасен и многу побрзо прогресира, а кај заболените се случува многу побрзо и неочекувано да им се влоши состојбата, дури и после првиот контакт. Затоа е клучно да се ограничи бројот на контакти, оцени денеска премиерот Зоран Заев.
– Ова е момент кога е потребна целосна мобилизација на граѓаните и општеството за заштита на јавното здравје што е обврска на секој од нас. Мора да констатираме дека досега недоволно се почитуваа мерките на лична и колективна заштита, а посебна олабавеност се гледа во последните седмици, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека во овој бран заболуваат и млади луѓе и последиците и кај нив може да бидат исклучително сериозни и фатални, а тие ги доведуваат во ризик и повозрасните граѓани кои не се движат колку младите заради можноста да го донесат вирусот дома.
– Затоа клучно е да се ограничи бројот на контакти кои ги правиме сите ние со други луѓе. Апелирам во мое име и во името на Владата седете сите дома во наредните две недели и не излегувајте ако не е потребно и никако не се групирајте, потенцира Заев.
Премиерот нагласи дека мерките за ограничување на движењето во наредните две недели се воведуваат непосредно пред празниците со цел да се овозможи за празничните денови секој граѓанин и секое семејство да ги помине во мир и спокој со, како што рече, саканите на број и на трпезата во домот.
– Со мерките очекуваме да се намали влијанието на заразата и притисокот врз здравствените работници, посочи Заев, додавајќи дека во меѓувреме нормално ќе продолжи процесот на вакцинација на највозрасните и хронично болните како и најизложените граѓани на можна инфекција.
Овие две недели, порача премиерот, бидете дома со своите најблиски колку можете повеќе и задолжително носете маски, одржувајте растојание, не се групирајте и не организирајте никакви прослави.
– Ова е моментот кога треба најсериозно и најодговорно да е исправиме и да се заштитиме и себе си и нашите најблиски. Сите заедно да се спротивставиме на опасниот вирус и овие две недели да се исправиме и да го возвратиме ударот врз тековниот ковид бран. Ова битка е заедничка и можеме да ја добиеме само заедно, рече Заев и ги повика сите одговорно да се однесуваат.