Алијанса за Албанците и Алтернатива се против одложување на пописот, што вчера го договорија премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на лидерската средба во Клубот на пратеници.

Лидерите на двете опозициски партии, Зијадин Села и Африм Гаши, денеска на прес-конференција во Собранието истакнаа дека не го прифаќаат одложувањето на теренското попишување, кое требаше да почне на 1 април, за 5 септември. Најавија дека нивните 12 пратеници ќе гласаат против промена за Законот за попис.

-Ќе ги искористиме сите средства и се што е во наша моќ овој процес да продолжи. Оваа форма на одложување на пописот, како што постапија Заев и Мицкоски за нас е неприфатлива. Пописот не треба да се политизира, туку конечно да знаеме колку сме и да се носат одлуки врз основа на тоа, изјави Гаши.

Според Села, пак не може да има никакви ефекти од средби, како таа на Заев и Мицкоски вчера, туку смета дека за овие прашања треба да се разговара во Собранието.

-Нема да го дозволиме одложувањето на пописот. Имаме механизам да спречиме промена или одложување на Законот за попис преку Бадинетеровото мнозинство. Пописот треба да продолжи, не треба да се одложува. Аргументите поврзани со пандемијата не држат, бидејќи процесот на попишување не е поразличен од прес-конференцијата што денеска ја имаме тука. За пописот постои закон, кој треба да се почитува и спроведе до крај, рече Села, кој ги повика попишувачите да продолжат со своите задолженија.

Според Села имаат информации од Државниот завод за статистика дека на попишувачите им било побарано да ги вратат лаптопите и тој смета оти тоа е недозволиво.

На новинарско прашање дека поради овој закон предизвикуваат блокада во Собранието, Села рече дека нивната постапка со поднесените амандмани е последица, а не причина и оти причината за блокирањето на законодавниот дом треба да се гледа во други пратенички групи, почнувајќи тоа таа на СДСМ.