Синот на Том Круз (58) и на Никол Кидман (52), 26-годишниот Конор Круз, се пофали на Инстаграм со новиот профил што го посвети на храната. Неговиот инстаграм-профил наречен „ConnorsMeatShack“ го креирал со помош на најдобрата пријателка Ким Џојс, а дуото ќе ги споделува своите омилени рецепти со обожавателите на социјалните мрежи.
„Следете нѐ ако сакате шницли, бурбон, пилешко или што и да ‘чувствувате’ тој ден!“, напишал Конор, кој изгледа одлучил да стане кулинарски блогер и мајстор за плескавици и скара.
На посвоениот син на поранешната актерска двојка голема страст му е и риболовот, а исто како и неговата две години постара сестра Изабел, и тој се обидува да остане далеку од очите на јавноста. Иако своевремено и самиот се обиде како актер – во 2008 година го сними филмот „Седум фунти“ со Вил Смит и Росарио Досон, а во 2012 година „Црвена зора“, Конор подоцна се повлече во своевидна анонимност.
Том и Никол, кои беа во брак од 1990 до 2001 година, го посвоија Конор во 1995 година. И тој и неговата сестра тргнаа по стапките на нивниот татко, барем што се однесува до скиентологијата, со што Кидман никогаш не беше премногу воодушевена.
– Конор живее во Флорида, во градот Клирвотер, кој е главен центар на скиентолошката црква. Тој работи и како диџеј, но во меѓувреме стана вистински рибар. Тој е задоволен со својот мирен живот. И тој и неговата сестра се целосно посветени на скиентологијата, од мали се движат во тие кругови – изјавил извор близок до Конор минатата година за магазинот „Пипл“. Од друга страна, Бела е моден дизајнер и во моментот живее со нејзиниот сопруг Макс Паркер во Лондон, Велика Британија.