Синовите на Сашо Мијалков, Филип и Александар преку  се огласија по повод пишувањата дека претепале младо момче и дека биле уапсени. Како што велат тие, свесни се за тежината на презимето кое го носат и дека постојано привлекуваат внимание, но додаваат дека не претепале никого, ниту пак биле уапсени.

Во целост нивниот допис.

Заради точно информирање на јавноста би сакале да ги демантираме сите невистини дека наводно сме претепале момче и дека заради тоа сме биле приведени.

Свесни сме дека презимето кое го носиме предизвикува внимание во медиумите и јавноста, но тоа не ја  намалува обврската за професионално известување и пренесување на двете страни пред да се изведе заклучок дека некој некого претепал или “бил уапсен”.

Во петокот вечерта со неколкумина пријатели бевме излезени во кафуле во Дебар Маало. Околу 20.45 часот еден од пријателите од нашето друштво имаше расправија со девојката, после која беше нападнат од неколкумина нејзини другари. Еден од нив, кој делуваше дека е под дејство на алкохол, извади и боксирач и удираше со него.

Ние двајцата ги двоевме двете групи и се обидувавме да ја смириме ситуацијата за да не ескалира. Откако момчињата од двете групи излегоа надвор, лицето кое имаше боксирач продолжи да напаѓа, а ние се трудевме да спречиме некој да биде повреден. На жалост нашиот пријател се здоби со три расекотини на главата од боксирачот на тоа момче.Подоцна разбравме дека токму напаѓачот е тоа 19 годишно момче кој го пријавил настанот.

После случката заминавме дома, нашиот пријател побара медицинска помош.

Вчера не бевме приведени, туку бевме повикани од полицијата за да дадеме исказ во врска со настанот и веднаш постапивме по поканата и кажавме што и како се случи.

За жал, еден од нашите пријатели и во текот на вчерашниот ден продолжи да добива закани на мобилниот телефон. Исто така во текот на вчерашниот ден, Филип  беше нападнат од истата група на момчиња кои што со шипки и пендраци удираа по колата во која што седеше. Во полиција е пријавен и насилен напад врз Филип при што беше оштетено возилото во кое се наоѓаше.

Се надеваме дека полицијата ќе го расчисти случајот, а со тоа ќе запрат и дезинформациите во јавноста, се вели во дописот на Александар и Филип Мијалкови.