Економските предлог-закони од петти сет мерки денеска не стасаа на разгледување на Комисијата за финансирање и буџет. По вчерашното гласање од страна на пратениците за потребата од носење на овие закони, денеска собраниските служби ги преведуваат амандманите поднесени од опозициската коалиција Алијанса за Албанците-Алтернатива.
„Сите амандмани се поврзуваат со државјанството. Ако има договор за државјанство тие амандмани ќе се повлечат. Како што имаат потреба граѓаните за економски мерки, така имаат и за државјанство“, рече Скендер Реџепи, Коалиција Алијанса – Алтернатива.
– Advertisement –
Алсат побара став и од претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Тимчо Муцунски од ВМРО, кој има информација дека Алијанса и Алтернатива до Собранието ќе поднесат дури три илјади амандмани за економските закони. Муцунски додава дека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат поднесено дваесетина амандмани, но тие биле од економска природа.
„Комисијата ќе ја закажам веднаш штом се укажат услови за работа, односно во истиот момент која службите ќе ме известат дека амандманите се преведени и испратени до пратениците“, рече Тимчо Муцунски, ВМРО-ДПМНЕ.
Првично стартот на процедурата за донесување на предлог-законот за финансиска поддршка на компаниите во Собранието беше закажан на 23 март. Но, тој ден претениците немаа кворум поради заболени од ковид 19.
Според процедурата, сега сè е во рацете на собраниските служби кои треба да ги преведат илјадниците амандмани од страна на Алијансата за Албанците и Алтернатива кои се поднесени за овие економски закони за кои работниците и работодавачите ги чекаат од петтиот сет мерки. Според нашите информации, ќе бидат потребни неколку дена за да се сработи сето тоа бидејќи во прашање се илјадници амандмани.
Фирмите можат да поднесат барање за финансиска помош од државата до 31 март.
Иле Петревски