Лекар од Гостивар изготвил и наплатил два лажни ПЦР тестови доби кривична пријава и е лишен од слобода
Од СВР Тетово информираа дека претпладнево Одделение за внатрешни работи Гостивар до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против Е.М.(45) од гостиварско Чегране. За него полицијата има основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.
Е. М. се сомничи дека на 7 и 9 овој месец, како лекар во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“ на две лица им изготвил лажни негативни „ПЦР-тестови“. За тоа им наплатил 3.000, односно 1.500 денари или вкупно 4500 денари. Потврдите за негативен ПЦР тест им биле потребни за патување во странство, наведуваат од СВР Тетово.
Лекарот вчера бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гостивар. Тој денес со кривичната пријава ќе биде изведен пред Јавен обвинител.