Научниците кои се обидуваат да го утврдат потеклото на вирусот Ковид-19 велат дека има сè повеќе докази што укажуваат на тоа дека истрагата треба да се прошири надвор од Кина.
По првиот потврден случај на болеста, кој го стави кинескиот град Вухан во фокусот на светската јавност во декември 2019 година, истражувачите кои се обидоа да откријат како и од каде потекнува вирусот се фокусираа на Кина.
– Advertisement –
Најблискиот познат роднина на патогенот има 96 проценти идентичен геном и тоа е друга форма на коронавирус, која беше откриена на почетокот на 2020 година во јужната кинеска провинција Јунан.
Сепак, неколку неодамнешни студии откриле неколку вируси кои се слични на SARS-CoV-2 како оној од Јунан, но појужно, во Камбоџа и Тајланд, пишува Гласот на Америка.
Вирусолозите од неодамнешната мисија во Вухан, испратена од Светската здравствена организација да го испита потеклото на ковид 19, исто така веруваат дека во следната фаза на истражување, Југоисточна Азија треба да се додаде во областа на интерес.
Нивниот совет е да се следат лилјаците. Некои видови на овие летечки цицачи се добро познати резервоари на семејството коронавируси и водечки кандидати како извор на САРС-CoV-2.
Научниците веќе идентификуваа повеќе од 100 форми на коронавирус поврзани со САРС низ Кина, вели Питер Дазак, еден од вирусолозите вклучени во мисијата во Кина.
„Сепак, ние не направивме доволно истражувања во Мјанмар, Лаос и Виетнам за навистина да кажеме дека нема дури и повеќе во тие земји“, изјавил Дазак за Гласот на Америка, додавајќи:
„Кога обележувате на картата каде живеат лилјаците кои ги пренесуваат овие вируси, тогаш почнувате да забележувате дека во оние земји на јужната кинеска граница има уште повеќе видови лилјаци, а веројатно и повеќе видови вируси. Значи, постои можност вирусот да потекнува од „провинцијата Јунан, но мојата најдобра проценка е дека треба да ги испитаме Мјанмар, Лаос, Виетнам и уште појужно – целиот регион на Југоисточна Азија како потенцијално жариште“, рекол Дазак.
Кина одби да обезбеди оригинални податоци за најраните пациенти со Ковид. Дури и без тоа, додава Дазак, кинеските научници и делегацијата на СЗО се согласија дека патот по кој САРС-КоВ-2 најверојатно стигнал до луѓето е од лилјаците преку некаков вид на одгледувано диво животно, кое служело како преносител.