Лекот „Ивермектин“ не треба да се користи за лекување на Ковид-19 надвор од клиничките испитувања, порача Европската агенција за лекови (ЕМА).
Како што пишува весникот Гардијан, повеќе месеци ивермектинот се посочува како чудотворен лек.
ЕМА објасни дека ги разгледале најновите докази за употребата на ивермектинот како превенција и третман на Ковид-19 и заклучиле дека дополнителните податоци не ја поддржуваат неговата употреба против коронавирусот надвор од клиничките испитувања.
Агенцијата со седиште во Амстердам соопшти дека не добила документи со кои се одобрува употреба на лекот, кој долго време се користи за лекување на некои паразити, вклучително и вошки.
Според ЕМА, потребни се дополнителни истражувања за да се утврди неговата ефикасност против коронавирусот.
Лабораториските тестови откриле дека лекот може да ја блокира репликацијата на вирусот кој предизвикува Ковид-19, но со многу повисока концентрација на ивермектин. Токсичните последици од тие повисоки дози не можат да се исклучат, додава Агенцијата.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.