Движењето „Доста е“ ја обвини ЕВН дека цели 11 години ги дискриминира граѓаните по национална основа. Според нив, кај потрошувачите Албанци броилата се поставени надвор од дворот, а кај Македонците се наоѓаат во внатрешноста на дворот. Тие ги илустрираа своите обвинувања со три видеа направени на улица во која живеат само Албанци, едно само со Македонци и едно во кое живеат неколку заедници. Членовите на ова Движење велат дека од време на време имало случаи кога броилото на потрошувачи Албанци, што ЕВН го поставиле надвор од нивниот имот, биле оштетени од непознати лица. Штетата отсекогаш била на товар на лицето на чие име е броилото, вели Кренар Османи.
„Ги земаме како пример трите улици во Тетово, но како овие имаме стотици случаи во секој град, во Куманово, Чаир, Гостивар, Тетово, Кичево, Струга, Дебар. Дискриминација среде бел ден. Дискриминација, која се прави од ЕВН, но со дозвола на Заев и РКЕ. Како е можно да се прави оваа колективна стигматизација, колективно оцрнување на Албанците во 21 век?! Односно, тие со двете нозе го кршат Уставот“.
Османи рече дека нивното видео ќе служи како доказ, бидејќи најавија кривична пријава против ЕВН, РКЕ и премиерот Зоран Заев. А побараа од Обвинителството да реагира по презентирањето на овој доказ. Од ЕВН велат дека новите броила се отчитуваат со апарат и дека со тоа се елиминира човечката грешка. Посочија дека процесот на замена на старите со нови броила е во тек и дека ова е законска обврска.