Американскиот модел, актер и активист Чела Ман користи помагала за слушање уште од детството, а сега го промени светот на накитот воведувајќи специјално дизајнирани обетки што се наменети за луѓето со оштетен слух.
Чела Ман и дизајнерите на њујоршкот бренд „Private policy“, Сијинг Ку и Хоаран Ли, заеднички презентираа накит наменет за луѓето со оштетен слух кои користат помагала за слушање.
„Како уметник и човечко суштество, отсекогаш сакав целосна контрола врз моето тело и начинот на кој го презентирам. Ова создаде конфликт откако го добив моето прво помагало за слушање, а потоа и имплант… Бев благодарен за оваа опција, но немав контрола над нивниот дизајн“, вели тој.
Дизајнот е иновативен, креативен и привлечен со што се издвојува во морето најразлични обетки и украси за уши. Обликот е инспириран од самиот дизајн на апаратчето.
„Никогаш не ми се допаѓаше изгледот на апаратчето за слушање. Сега луѓето, кога ја носам оваа колекција накит, не го ни забележуваат моето апаратче, иако порано се обидуваа да го сокријат додека бев на сет. Ова сакав да го направам со години“, рече Ман.
Лимитираната колекција беше лансирана овој месец, а 50% од заработката од накитот ќе биде донирана во американската организација „Deaf Queer Resource Center“, пишува „Vogue“.