Во ексклузивно интервју за Zoom.mk, еминентниот македонски новинар, Бранко Тричковски, зборува за деликатните односи со Бугарија и за процесот на формирање на македонската нација и држава.
Тричковски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ е антимакедонска и антидемократска партија, која ако не се не се реформира, ќе доведе до уништување на државата.
Тој смета дека традиционалните медиуми се чисто зло и неворојатна несреќа, кои треба итно да се реформираат преку интервенции во сопственичката структура.
Во продолжние проследете го интегралното интервју со колегата БРАНКО ТРИЧКОВСКИ:
ZOOM.MK: Како ја оценувате јавната хајка против премиерот Зоран Заев во јавноста и медиумите за изјавата дека Југославија изградила ѕид меѓу Македонија и Бугарија?
ТРИЧКОВСКИ: Хајката против Заев е перманентна. Како што на времето беше хајката против Црвенковски. ВМРО-ДПМНЕ, како и секоја друга тоталитарна организација или организација која има амбиции да го опфати тоталитетот на еден народ и да има ексклузивно право да ги формулира, интерпретира и брани неговите интереси, функционира врз основа на проекцијата на непријателот.
Тоа е единствената доктрина преку која го мобилизира просташтвото како материјална сила. Ништо друго немаат, ниту можат да имаат затоа што се интелектуално максимално ограничени и хендикепирани: Мислам дека сите членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ заедно немаат прочитано шест книги. Вие гледате дека веќе пет години тие ја тероризираат јавноста со три реченици за Заев: мафија, предавник иден затвореник. Сте чуле ли нешто друго?
Изјавата за Југославија е несреќно срочена. Но, и да била идеално формулирана, пак ќе предизвикала исти количества напади. Или би се почекало пет минути да се смисли друг повод. Би можело да се каже дека и Бугарија односно Варшавскиот договор изградиле ѕид кон Македонија. Што не би било неточно, но не би ја изразувало целата вистина.
Ние бевме на различни страни во повоената геополитичка распределба и тоа е тоа. Како резултат на тие околности и на раѓањето на новата нација и држава. Македонија го градеше својот идентитет во одредена смисла и на една шизофрена основа, на идејата за различноста од Бугарите, впрочем како и од Србите и на идејата да се брка во бугарскиот предвоен казан за да се црпат одредени историски легитимации така што територијалните одредници беа пумпани со национална содржина.
Така ВМРО стана македонска организација, иако се работи за чиста бугарска структура. Заедно со искуството од Втората светска војна, односно неславното бугарско присуство тука, тоа беше основа да се изгради еден деликатен однос, кој, меѓутоа, никогаш не беше изграден како омраза, тоа можам да го тврдам со сета одговорност, туку како различност која во понапредниот период, тука кај нас, беше користена како извор на супериорноста на нацијата, елемент што сите нации го користат во однос на некои други нации, кои се во полоша позиција.
Ние бевме Запад, слободно патувавме, бевме дел од едно развивачко потрошувачко општество, имавме се, или ни се чинеше дека имаме се, а ни се чинеше дека тие немаат ништо, што во смисла на пазарната култура и конзумеризмот, не беше лага.
И денеска по блокадата мислам дека нема омраза. Има потиштеност, чувство на неправда, но омраза-не. Можеби во некаква акутна форма како реакција на одредени глупости што ги формулираат бугарските официози, нешто како алиби за блокадата, или испровоцирани глупости од наша страна, кои Бугарија ги користи како оправдување за својот потег. Според тоа, Македонија мора да прифати одредени историски ревизии, да ги направи за себе, не само затоа што тоа Бугарија го бара, но општа катастрофа е ако потребата од тие ревизии се користи како инструмент во тековните политики.
ZOOM.MK: Дали опозициската ДПМНЕ и медиумите финансирани од азилантот Груевски преку агресивен говор спречуваат било каква дебата за битни прашања од јавен интерес?
ТРИЧКОВСКИ: Се разбира, ДПМНЕ, како што реков и во одговорот на претходното,прашање, е тоталитарна структура која како таква не поднесува дебати, таа води војна, војната е нејзиниот модус оперенди.
Гледате дека таа не признава дека некој друг може да ја води државата, а ако се случи да ја води тогаш е тоа стекнато со измама, кражби, фалсификати и води директно во предавство на националните и државните интереси.
На тој начин тие ја држат Македонија во една претполитичка, всушност, неиздржлива состојба. Тие ја користат демократијата како антидемократска платформа. И правната држава ја користат на ист начин. Институциите, процедурите, се се распаѓа во присуство на оваа злосторничко здружување. До таа мерка што Македонија мора да најде начин да го победи или макар маргинализира или темелно да го реформира вмро или злото ќе ја победи Македонија.
Мораме да имаме предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е антимакедонска организација, чија мисија е деструкција на Македонија затоа што Македонија е дело на антифашистичката војна предводена од комунистите, а тоа е најголемиот грев во доктрината на ВМРО. Ова што тие го прават е одмазда за АСНОМ, односно одмазда за националното субјективирање на Македонија.
ДПМНЕ прави обид политички да го концептуализира митот за себе, што е само по себе знак за напредната декаденција и за близината на смртта на субјектот, а освен тоа концептот ја покажува вистината за митот односно фактот дека тој во главите на Македонците е вистинска категорија со лажна содржина. Катастрофа, што да ви кажам. Нема нација која на поинфантилен начин ја загрозила својата перспектива.
Инаку ние во Македонија имаме чиста форма на медиумскиот терор. Тоа е поврзано со природата на ВМОР, за која погоре говорев. Нивната идеја со медиумите што ги размножија со украдените пари, не е само борбата за власт, туку растурање на јадрото на општеството и на државата, ширење на хаосот, на катастрофизмот, на нихилизмот, на очајот.
Сте чуле ли нешто друго од кардиналите на просташтвото, на глупоста и на неукоста, на антимакедонизмот во најстрашен облик. И социјалните мрежи се користат како платформи за кретенизација на нацијата.
Треба да се каже дека тоа што се случува во Македонија е дел од светскиот процес во кој човештвото по векови напредок со помош на разумот, реши да проба да го организира својот живот со помош на глупоста. Во таа смисла ние бевме пионери, многу пред Трамп, Орбан и другите носачи на глупоста, ние го имавме нашиот Николче, се сеќавате, не?
ZOOM.MK: Дали ДПМНЕ и куририте имаат искривена претстава за слобода на говорот и на политичката дебата, во која освен црна пропаганда, нетолеранција и дисквалификација на неистомислениците, нема ништо друго?
ТРИЧКОВСКИ: Мислам дека имаат тотално искривена претстава за слободата на говорот, за демократијата, за процедурите, за институционалноста. Ќе ви кажам уште нешто: ВМРО како единствен израз на националните интереси, ја смета државата со нејзините институции и процедури за фактор, кој ја заебава непосредната љубов меѓу организацијата и народот. И затоа настојува да ја тргне настрана, да ја раздржави, да ги сјебе процедурите, да ги потчини или уништи институциите.
Тоа го правеше кога беше власт тоа го прави и сега кога е опозиција. Ништо друго и не прави. Блокади, блокади, блокади…
Мораме да се потсетиме на интензивната дезелитизација на културата од пред петнаесет години. И на образованието. Немало елитата да му кажува на народот што е култура туку народот сам ќе произведувал култура. И образование. Во секое село универзитет. За да му се даде шанса на просташтвото, кое по дефиниција ќе ја уништи нацијата. И државата. И уште ќе мисли дека се бори за Македонија. Против Албанците, против социјалдемократите, против Европа, против САД…а, всушност, се бори против себе.
ZOOM.MK: Која е одговорноста на традиционалните медиуми да се бораат против овој нетолерантен, агресивен, националистички и поларизаторски наратив на ДПМНЕ и нивните гласноговорници?
ТРИЧКОВСКИ: Традиционалните медиуми мора темелно да се реформираат, што нема да биде можно без да се интервенира во сопственичката структура. Во кадровска и програмска смисла, тие се субјекти кои не би можеле да ги издржат и поорганизирани општества. Неверојатна несреќа и зло. Чисто зло.
Медиумските асоцијации се опортунистички дувла, образовните институции се претворени во селски гранапи во кои се точат незнаење и дипломи, сите се занимаваат со заштита на новинарите, а новинари практично нема.
Фејсбук е кокошарник кој го факторизира просташтвото, општеството е атомизирано, не се гледа субјект кој ќе ги покрене прашањата врзани за овие проблеми. Толкувањата на работите се дел од инерцијата, но инерцијата не може да ја покрие тотално променетата содржина на медиумите.
ZOOM.MK: Како да го одбраниме јавниот дискурс од хушкачка политика и куририте во новинарство?
ТРИЧКОВСКИ: Тоа нема да биде можно со апели, со трибини и семинари. Тоа мора да биде аспект на општата преобразба на општеството, особено во сферата на културата и образованието, мораме да ги именуваме работите со имиња кои одговараат на нивната содржина, да не се лажеме, да не арчиме енергија и пари во ветер и магла.
Да ја кажеме вистината за ВМРО-ДПМНЕ, а не да продолжиме да ги третираме како политичи фактор и понуда, да ја кажеме вистината за историјата, да ја кажеме вистината за медиумските ебиветри, кои во одредени моменти станаа сопственици на медиуми.
Да ги спроведуваме законите според кои, тврдам, дека голем дел од денешниве нужници кои го усмрдуваат општетсвото мора да се затворат поради неисполнување на технички, финансиски или кадровски и други законски услови.
Да доведеме некои странски брендови, да се разговара околу тоа кој паметен може и сака да инвестира во медиумите, ние сме мал пазар и не е лесно да се привлечат инвеститори, но треба да се проба. Апелирам на факторите кои се уште го чуваат својот интегритет да се организираме, да понудиме не само платформи за промени, туку и конкретни медиуми или макар идеи, тоа е.
ZOOM: Ви благодарам на разговрот!
ТРИЧКОВСКИ: Ви благодарам и јас!