Брисел го „зафркна“ снабдувањето со вакцини против коронавирус, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, додавајќи дека неговата земја ќе биде „во голема неволја“ доколку самата не порача вакцини од исток.
Додека Израел е „речиси готов“ со вакцинирањето на своето население, а Велика Британија е на 30-40 проценти, во Европската унија, вакцинирани се просечно 6,8 проценти од населението, изјави Орбан за државното радио „Косут“.
– Тоа е јасен показател дека нешто не е во ред. И ова не е политичко прашање или обвинение или каква било антипатија кон бирократите на ЕУ или Брисел, туку факти. Така е како што е: тие зафркнаа, рече Орбан.
Тој нагласи дека во последните неколку недели количините вакцини нарачани од ЕУ или не пристигнале или пристигнале во намален број.
Тој исто така додаде дека членките на ЕУ се договориле за пропорционална распределба на вакцините, но тоа не се спроведува.
– Гледаме дека некои држави добиваат повеќе, а некои помалку, рече Орбан.
Премиерот на Унгарија заклучи дека неговата земја ќе била „во голема неволја“ доколку не нарачала 3,5 милиони вакцини од Кина и Русија, па досега вакцинирала 500.000 луѓе.