Четири мечки избегале од своето живеалиште во зоолошката градина во Ајзаул, Индија, и нападнале 44-годишен работник, кој починал од здобиените повреди. По инцидентот, надлежните наредиле сите четири животни да бидат застрелани.

Жртвата, С. Лалрамсанга, познат како Марама, работел во зоолошката градина во Лунгвер. Според информациите од надлежните служби, тој носел кафез за антилопа кога една од мечките ненадејно го нападнала. Неговите колеги се обиделе да му помогнат, но не успеале бидејќи во близина се наоѓале и другите три мечки.

Се претпоставува дека животните избегале откако ископале дупка под оградата на живеалиштето. Главниот чувар на диви животни наредил сите четири мечки да бидат застрелани. Нивните тела подоцна биле закопани.

Министерот за шумарство Лалтханснага ја посетил зоолошката градина и го информирал премиерот Лалдухома за трагичниот настан. Премиерот наредил истрага и итно изготвување план за подобрување на безбедноста во објектот.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.