Аце Велковски предлага секое дете до 18-годишна возраст да добива месечен детски додаток во висина од 10 проценти од просечната нето-плата во државата. Според неговиот предлог, ова право би го имало секое дете, без разлика на приходите на родителите, а дополнителна поддршка би добивале и семејствата во социјален ризик, самохраните родители и семејствата со деца со попреченост. Велковски предлага идејата да се преточи во закон и да се отвори јавна дебата за нејзино спроведување.
Целосната објава на Аце Велковски:
Постојано зборуваме за наталитетот, за младите да останат во Македонија, за поддршка на семејствата. Но што конкретно правиме за родителите кои секојдневно се борат да им обезбедат подобра иднина на своите деца?
Мислам дека е време да предложиме нешто конкретно.
Мојот предлог е да се донесе закон со кој секое дете до 18 години ќе има право на месечен детски додаток во висина од 10% од просечната нето-плата во државата.
Тоа значи дека детскиот додаток автоматски ќе се усогласува со растот на просечната плата.
Ако просечната нето-плата изнесува околу 49.141 денари, детскиот додаток би бил околу 4.914 денари месечно за секое дете.
За семејство со две деца тоа се околу 9.828 денари, а за семејство со три деца околу 14.742 денари месечно.
И уште нешто што сметам дека е важно: ова право треба да го има секое дете, без разлика колку заработуваат неговите родители. Дополнително, семејствата во социјален ризик, самохраните родители и семејствата со деца со попреченост треба да добиваат и посебна поддршка.
Знам дека веднаш ќе се постави прашањето колку ќе ја чини оваа мерка државата. И тоа мора да се пресмета. Но зарем не треба да размислуваме колку нè чини тоа што младите си заминуваат, што семејствата тешко се одлучуваат да имаат деца и што сè повеќе луѓе не гледаат иднина во сопствената држава?
Не можеме постојано да зборуваме за грижа за семејството, а кога треба да се донесат конкретни мерки, да нема решение.
Затоа предлагам оваа идеја да се преточи во закон и да се отвори јавна дебата за нејзино спроведување.
Секое дете заслужува поддршка. Тоа не треба да зависи од паричникот на неговите родители.
10% од просечната нето-плата за секое дете. Тоа е мојот предлог.
Што мислите, дали е време Македонија да воведе ваков закон?



















