Во организација на Министерството за култура и туризам, денеска во Музејот на македонската борба се одржа завршната јавна расправа за Нацрт-националната стратегија за туризам 2027 – 2032, на која беа разменети мислења, предлози и препораки за унапредување на идните насоки за развој на туристичкиот сектор во земјава.
Обраќајќи се пред присутните, министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, истакна дека амбицијата на Стратегијата е многу поголема од зголемување на бројот на туристи – таа треба да создаде поголема вредност за посетителите, бизнисите и локалните заедници, преку квалитетна, одржлива и конкурентна туристичка понуда.
„Нашата цел е да развиеме меѓународно конкурентна туристичка дестинација која ќе овозможи подолг престој на туристите во текот на целата година. Преку збогатување на туристичката понуда, унапредување на квалитетот на услугите и промоција на природното и културното наследство, се стремиме кон одржлив развој на туризмот, рамномерен развој на регионите и поголеми економски придобивки за локалните заедници“, рече Сулејмани.
Тој нагласи дека богатото природно и културно наследство, разновидната гастрономија и гостопримливоста на луѓето се значајни туристички предности, кои отвораат можности за развој, но истовремено наметнуваат обврска за нивна одговорна заштита и промоција.
Министерот потенцираше дека успешната реализација на Стратегијата ќе зависи од заедничката посветеност и координација на сите чинители, бидејќи развојот на туризмот не е одговорност само на едно министерство, туку бара партнерство меѓу институциите, локалната самоуправа и приватниот сектор.
Стратегијата е усогласена со Националната развојна стратегија 2024 – 2044 и со Европската агенда за туризам 2030.
Сулејмани упати благодарност до Работната група и експертскиот тим од универзитетите за изработката на сеопфатната анализа, до Советот за промоција и поддршка на туризмот, до општините и центрите за развој на планските региони, кои беа домаќини на регионалните работилници, како и до туристичките работници, посетителите и граѓаните кои учествуваа во анкетите. Посебна благодарност упати и до меѓународните партнери – Амбасадата на Швајцарија, преку програмата ИМЕ, и Канцеларијата на Светската банка, за нивната стручна и финансиска поддршка.
На настанот се обрати и амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Кристоф Зомер, кој ја потврди поддршката на Швајцарија за развојот на туристичкиот сектор во земјава, нагласувајќи ја важноста на долгогодишната соработка и на програмите ИМЕ и СИППО – Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост и Швајцарската програма за промоција на извозот.
Амбасадорот истакна дека одржливоста треба да биде основа на туристичкиот развој, при што економскиот раст мора да оди паралелно со унапредување на квалитетот на туристичката понуда, заштитата на природното и културното наследство и создавањето конкретни придобивки за локалните заедници и бизнисите.
Тој ја поздрави широката вклученост на институциите, приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница и туристичките чинители во подготовката на Стратегијата и Акцискиот план, посочувајќи дека нивното партнерство ќе биде од особена важност и во фазата на спроведување.
Во таа смисла, најави продолжување на програмата ИМЕ, која ќе даде поддршка во имплементацијата на Националната стратегија преку зајакнување на координацијата во секторот, развој на патоказ за интегриран систем за е-туризам и унапредување на капацитетите на Министерството за управување и следење на нејзината реализација.
Нацрт-националната стратегија ја презентираше проф. д-р Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Тој истакна дека јавната расправа претставува можност за активно вклучување на релевантните чинители во финализирањето на документот, преку конкретни забелешки и предлози, со цел создавање поквалитетна, поодржлива и поконкурентна туристичка понуда.
Нацрт-верзијата на Националната стратегија за туризам 2027 – 2032, заедно со Акцискиот план и индикативниот финансиски план за периодот 2027 – 2029, е достапна на ЕНЕР:




















