Британското Министерство за одбрана испрати писма до воените ветерани за да ги подготви за можноста за мобилизација во рамките на Стратешката резерва, изјави денес британскиот министер за одбрана Вес Стритинг, оценувајќи дека станува збор за превентивна мерка, а не за знак дека војната е непосредна опасност.
Стритинг рече дека контактирањето со членовите на Стратешката резерва е разумен потег со оглед на заканите со кои се соочува Велика Британија и нејзините сојузници, но дека тоа не значи дека војната е неизбежна, објавува „Скај њуз“.
Според него, ова е вид на претпазливост што, доколку не се преземе, може да предизвика сериозни прашања во случај на војна и последователна јавна истрага за тоа дали британската влада била доволно подготвена.Стритинг го изјави ова откако „Дејли Телеграф“ објави дека писмата биле испратени до ветераните.
Стратешката резерва треба да претставува еден од клучните елементи на британската одбрана во случај на војна.
Нејзините членови би биле мобилизирани по професионалните членови на вооружените сили и резервистите, кои би биле првите што би биле испратени во борбени операции, според написите.
За време на Студената војна, Велика Британија имаше јасно дефиниран систем за мобилизација на стратешки резервисти во случај на криза.
Сите резервни членови имаа униформи и опрема и се обучуваа еднаш годишно, пренесува Танјуг.
Сепак, таков систем бараше значителни финансиски средства и беше укинат во годините по распадот на Советскиот Сојуз.
Министрите за одбрана и военото раководство на Велика Британија се обидуваат да го обноват тој систем најмалку седум години, според „Скај њуз“.




















