Додека светот се соочува со војни, економски кризи, пандемии и предизвици што ги носи вештачката интелигенција, Обединетите нации – организација основана за справување со најголемите светски проблеми – се соочуваат со длабоки внатрешни поделби. Овие поделби отвораат можност ОН, за првпат во својата историја, да останат без генерален секретар.
Експерти запознаени со функционирањето на организацијата предупредуваат дека постои реална можност мандатот на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, да заврши до крајот на годината, а притоа да не биде именуван негов наследник.
„Тоа е реална можност – иако сè уште е можен договор во последен момент – а претставниците на ОН веќе подготвуваат планови за вонредни ситуации во случај на такво сценарио“, изјави Тибо Камели, поранешен дипломат во ОН, кој сега е истражувач во Центарот за меѓународна соработка при Универзитетот во Њујорк.
Сепак, нејзиниот избор е далеку од сигурен, наведува агенцијата Франс прес. Како и другите кандидати, Гринспан доби негативни сигнали од постојаните членки на Советот за безбедност, кои имаат моќ да го блокираат нејзиното именување преку правото на вето.
„Поради поделбите меѓу постојаните членки на Советот за безбедност – особено меѓу Кина, Русија и САД – изборот на нов генерален секретар останува неизвесен“, вели Даниел Форти од организацијата „Меѓународна кризна група“.
Големите светски сили тешко постигнуваат договор за бројни прашања со кои се занимаваат ОН, вклучително и конфликтите во Судан, Газа и Украина. Истите тие поделби го отежнуваат и изборот на нов лидер на организацијата, додава Форти.
„Мораме да спроведеме реформи и да воведеме ред. Мораме да обезбедиме оваа организација да функционира подобро“, изјави американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц – кој зборуваше за ова прашање многу поотворено од амбасадорите на другите постојани членки на Советот за безбедност.
Во одредени делови на ОН постои загриженост дека Гринспан е „премногу вкоренета во системот за да може да спроведе промени“, вели Естер Бример, поранешна помошник-државен секретар на САД за време на администрацијата на Барак Обама.
Камели истакна дека, според општото мислење, и Вашингтон и Москва се противат на нејзиниот избор. Друг кандидат е Лана Нусеибех од Обединетите Арапски Емирати, која се вклучи во трката во подоцнежна фаза. Многумина ја гледаат како потенцијален фаворит на Вашингтон, иако досега таа имаше потешкотии да обезбеди поширока поддршка.
Осврнувајќи се на овие прашања, раководителот на една од агенциите на ОН забележа дека моралот меѓу вработените е прилично низок веќе подолго време. „Сите се надеваат дека новиот генерален секретар ќе биде личност која ќе донесе обнова и свеж пристап – што е и очекувано по десет години“, односно по два целосни мандати на Гутереш на чело на организацијата, додаде тој.
Форти изјави дека моќните постојани членки на Советот за безбедност „почнале меѓусебно активно да разговараат за изборниот процес, што е знак дека сè повеќе чувствуваат политички притисок“. И покрај поделбите, постои широка согласност меѓу бројни земји за едно прашање. Многумина сметаат дека ОН, за првпат во својата 81-годишна историја, треба да имаат жена на чело на организацијата.




















