Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп и еден од неговите главни преговарачи за завршување на војната во Украина, го нарече рускиот претседател Владимир Путин велемајстор на политиката и историска личност. Тој, исто така, оцени дека Путин досега покажал воздржаност и ја уверил американската страна дека нема намера да употреби нуклеарно оружје.
Кушнер во подкастот „MD Meets“, кој го води Матијас Депфнер, извршен директор на германската медиумска групација „Аксел Шпрингер“, зборуваше за средбите со Путин, текот на преговорите за завршување на војната и опасноста од проширување на конфликтот надвор од Украина.
„Претседателот Путин е многу организиран. На луѓето може да им се допаѓа или да не им се допаѓа она што го направил, но тој дефинитивно е велемајстор на политиката. Тој е историска личност“, рече Кушнер, додавајќи дека рускиот претседател секогаш е добро подготвен за разговорите.
На прашањето дали Путин навистина сака мир, Кушнер одговори дека рускиот претседател зборува за мир, но дека прашањето е под кои услови. Тој посочи дека преговорите за територијалните прашања моментално се во ќор-сокак.
Кушнер ја критикуваше и политиката на Европа кон Русија, тврдејќи дека европските земји за време на војната купиле руски енергенси во вредност од над 250 милијарди долари, додека истовремено ја финансираат и вооружуваат Украина.
Тој предупреди дека постои опасност од голема ескалација на конфликтот, но нагласи дека американската страна добила гаранции од Путин во однос на употребата на нуклеарно оружје.
„Путин досега покажа воздржаност. Се согласи дека нема да употреби нуклеарно оружје и нè увери дека тоа не е негова намера“, изјави Кушнер.
Слична оценка претходно овој месец даде и Трамп, кој тврдеше дека рускиот претседател покажува воздржаност и дека би можел да биде многу поостар.


















