Францускиот претседател Емануел Макрон се заканува со повлекување од преговорите за повеќегодишниот буџет на Европската Унија доколку земјите членки не постигнат договор до крајот на годината. Функционер од неговиот кабинет изјави дека на Макрон му е „сосема јасно дека продолжувањето на овие преговори по декември не е можно“ доколку не биде постигнат договор на состанокот на Европскиот совет на 17 и 18 декември, пишува „Политико“.

Ова предупредување го засилува притисокот врз претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ги води преговорите, како и врз останатите земји членки во пресрет на вонредниот самит во Брисел, кој ќе се одржи во четврток и петок.

Макрон ја напушта функцијата напролет следната година, бидејќи Уставот не му дозволува трет последователен мандат. Тој веќе ги известил останатите лидери дека од почетокот на новата година повеќе нема да може да учествува во преговорите за буџетот на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година.

Марин Ле Пен, кандидатката на десницата која, според анкетите, води во трката за претседателските избори во 2027 година, повеќепати ги обвини институциите на ЕУ и францускиот претседател дека намерно ги забрзуваат преговорите за да ја исклучат од процесот. Ле Пен вети дека, доколку победи, драстично ќе го намали придонесот на Франција во буџетот на ЕУ и ќе ја сведе Европската комисија на „секретаријат“ на земјите членки.

Француско незадоволство од предлог-буџетот

Од кабинетот на Макрон отворено го критикуваа предлогот на Кошта планираниот седумгодишен буџет да се намали за дополнителни 44 милијарди евра. Критиките беа упатени и покрај тоа што предлогот предвидува од намалувања да бидат заштитени одредени буџетски ставки важни за Франција, како што се земјоделските субвенции. Макрон и Кошта се сретнаа на ручек во вторникот во Париз.

Макрон денеска попладне во Елисејската палата прими претставници на водечките француски земјоделски здруженија. Тој им вети дека „Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) ќе биде тема број еден и главна цел на Франција“ на овонеделниот состанок на Европскиот совет.

Спорни буџетски кратења и нови приходи на ЕУ

Функционер на Елисејската палата, кој во согласност со практиката на француската влада остана анонимен, предвидува дека состанокот на Европскиот совет нема да донесе конечно решение.

Тој истакна дека предлогот на Кошта не ги исполнува француските барања, меѓу кои е и воведувањето нови сопствени извори на приходи што ЕУ директно би ги собирала за финансирање на буџетот.

Покрај самите буџетски кратења, од кабинетот на Макрон предупредуваат и дека предлогот на Кошта не гарантира брзо воведување нови даноци на ниво на целата Унија. За овие даноци би требало да се гласа одделно, дури по завршувањето на буџетските преговори.

Франција го поддржува новиот дигитален данок што го предлагаат Кошта и Европската комисија, но предупредува дека ќе биде тешко да се обезбеди согласност од сите земји членки за овој предлог.