На денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова која упати конкретни прашања до директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Иваноски барајќи одговор дали институцијата досега добила каква било пријава или информација поврзана со Алта банка Белград и нејзиното преземање на Стопанска банка Битола.
Панова посочи дека е важно јавноста да добие јасна слика заснована на проверени информации, наместо случајот да биде предмет на политизирање. Таа истакна дека по повеќе од 20 поставени прашања од пратеникот Трајчулевски, очекува надлежните институции да дадат конкретни одговори.
„Многу е важно ова прашање за Алта банка да го разгледаме низ фактите и вистинските надлежности, колегата Трајчулевски постави повеќе од 20 прашања, можеби е доволно да одговорите конкретно на поголем дел од овие прашања, но се со цел македонската јавност да ја согледа вистината и граѓаните да имаат вистинска јасна слика која што ќе биде заснована на проверени информации, бидејќи сведоци сме на политизирањето кое што се случува, јас сметам дека вашиот одговор, односно тоа што денес треба да ни го одговорите, е всушност дали Управата за финансиска полиција во периодот од 2023 година до денес има добиено било каква пријава, информација, известување или барање од некоја друга институција за проверка на Алта банка Белград и за нејзиното преземање на Стопанска банка Битола“, рече Панова.
Панова потсети дека Управата располага со законски овластувања за спроведување финансиски анализи, следење на финансиските текови, контрола на документацијата и прибирање податоци од различни регистри и банкарски системи.
„И дали тоа може да има некаков ефект во финансиското работење на македонската банка и дали мислите дека понатаму ќе има потреба да бидете вклучени, особено со оглед на вашите овластувања, бидејќи вие имате, едно од овластувањето е да правите и финансиска анализа или анализа на финансиските текови, контрола на документацијата, да барате податоци од регистри, и во други банкарски системи, односно, дали има некакво конкретно барање до вас за вакво постапување до денес“, праша Панова.




















