На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, во рамките на која се одржа продолжението на надзорната расправа на темата: „Причини за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“, се обрати и Тони Јаревски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој упати прашања до директорката на Дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки при Народната банка, Фросина Целеска.

„Можете ли прецизно да ни ја објасните законската процедура за издавање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во банка, кои институции учествуваат во проверките и она што е можеби најважно, дали Владата или Министерството за финансии имаат каква било законска надлежност да одобрат или да спречат вакво преземање?“, праша Јаревски.

Пратеникот кажа дека на претходната надзорна расправа гувернерот на Народната банка, Славески, посочил дека биле спроведени четири нивоа на проверки, па ја праша Целеска: „ Од аспектот на гувернерот којшто на претходната надзорна расправа посочи дека биле спроведени четири нивоа на проверки. Кои конкретни документи биле прибавени од домашни и странски институции, дали имало негативни мислења или предупредувања и како биле оценети претходните санкции изречени од австрискиот финансиски регулатор?“.

Дополнителното прашање кое го постави Јаревски и побара одговор од Целеска се однесуваше на суштинските разлики помеѓу причините за одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка и причините за воведување на привремена администрација во Алта банка, како и тоа дали извештајот на администраторите е доставен и кои се податоците од истиот и кога може да се очекува целосно нормализирање на работата на банката.

„Од стручен и регулаторен аспект, кои се суштинските разлики помеѓу причините за одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка во 2020 година и причините за воведувањето привремена администрација во АЛТА банка во 2026-та година? Дали во двата случаи станува збор за исти финансиски и правни околности?“, праша Јаревски и додаде:

„Бидејќи со решението за воведување администрација, администраторите добија рок од 21 ден да ја утврдат состојбата во банката и понатаму да достават извештај. Дали извештајот е доставен, какви се неговите наоди во однос на капиталот, ликвидноста, изложеноста кон поврзани лица и евентуалниот одлив на средства и кога може да се очекува целосно нормализирање на работењето?“.