САД би можеле во наредните денови да објават нови царини за увоз од Кина, Европската Унија и 14 други економии, пренесува „Скај њуз“. Сè уште не се познати точната висина на царините, производите на кои ќе се однесуваат, како и датумот од кога ќе стапат на сила.
Се очекува Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) да ги објави наодите од повеќемесечната истрага за прекумерните индустриски капацитети и производството во овие економии. Администрацијата на Доналд Трамп тврди дека прекумерното производство, поттикнато од државни субвенции, создава вишок на евтини стоки што ги загрозува американските компании.
Истрагата беше покрената врз основа на Дел 301 од Законот за трговија на САД од 1974 година, кој овозможува воведување царини како одговор на постапките на други економии, за кои САД сметаат дека се штетни за американските бизниси или трговија.
Сè уште не е јасно дали новите царини ќе ги погодат сите 16 економии подеднакво. Според извори запознаени со плановите, стапките може да се разликуваат од земја до земја, а можно е Мексико и Норвешка да не бидат опфатени со новите давачки веднаш.
Планирањето на овие нови давачки е дел од напорите на администрацијата на Трамп да оживее поширока програма за царини, која Врховниот суд на САД претходно оваа година ја прогласи за неуставна.


















