Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на СДСМ за одржување вонредна седница посветена на семејното насилство, најави денеска пратеникот Бојан Стојаноски.

Тој нагласи дека бројот на пријави за семејно насилство е зголемен за 70 отсто, а бројот на поднесени кривични пријави за 50 отсто, но оцени дека тоа е резултат на зголемената доверба на граѓаните во институциите.

„Тоа не значи дека претходно семејното насилство било отсутно, туку дека сега граѓаните имаат повеќе доверба во институциите да го пријавуваат. За тоа придонесоа и измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, според кои семејното насилство се гони по службена должност“, рече Стојаноски.

Тој посочи дека целта е да се воспостави систем со кој семејното насилство ќе се сведе на најмали можни граници, обвинувајќи ја претходната власт дека не направила ништо во таа насока.

Стојаноски најави дека на седницата ќе побараат одговори од Јавното обвинителство зошто нема поднесено обвинителни акти, но и од судовите зошто предметите за кои се поднесени обвиненија сè уште немаат судска разрешница.

„Несериозно е да организирате надзорна расправа, а од денеска за утре да ги каните сведоците“, рече Стојаноски, повикувајќи расправата да заврши утре со усвојување заклучоци.