Франција ќе формира стратешки резерви на ретки земни минерали и други важни суровини, а истовремено ќе ги поттикнува компаниите на заеднички набавки за да ја намали зависноста од снабдувањето од Кина, соопшти кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон.
Иницијативата ја најавил Макрон на состанок со претставници на индустријата, одржан во понеделникот зад затворени врати.
Франција е меѓу западните земји кои настојуваат да најдат решение за кинеската доминација во производството на ретки земни минерали, кои се важни за воената индустрија, производството на полупроводници и енергетската транзиција, пренесува Ројтерс.
Европската Унија, исто така, планира да воспостави резерви на овие суровини. Италија минатата недела објави дека добила одобрение од Европската комисија за формирање на првиот европски центар за складирање ретки земни минерали во близина на Венеција.
Франција ќе побара поддршка од ЕУ во рамките на европската програма за ретки земни минерали.
Според француските медиуми, полнењето на стратешките резерви треба да почне следната година, но Елисејската палата засега не ја потврдила оваа информација.
Париз разгледува и воведување ценовни гаранции за поддршка на производителите, склучување долгорочни договори за набавка и инвестиции во сопствените производствени капацитети.
За да обезбеди снабдување со клучните суровини, Франција минатата недела постигна договор со Малезија за ублажување на ограничувањата за извоз.
















