Министерството за здравство најостро го осудува инцидентот пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, при кој се нападнати здравствени работници додека ја извршувале својата професионална должност.
„Секој облик на насилство, закани или попречување на здравствените работници во извршувањето на нивните работни задачи е недозволив и мора да биде соодветно санкциониран.
Напоменуваме дека напад врз здравствен работник и здравствен соработник претставува кривично дело . Согласно член 304-г од Законот за здравствената заштита, за напад или сериозна закана кон здравствен работник и здравствен соработник при вршење здравствена дејност е предвидена парична казна или казна затвор, а во зависност од околностите и последиците од нападот, и построги казни.
Здравствените работници секојдневно се на првата линија во грижата за здравјето и животот на граѓаните. Насилството нема место во здравствените установи. Почитувањето и заштитата на здравствените работници мора да бидат заеднички приоритет“, велат од Министерството.
Претходно денес, МВР соопшти дека скопјанец на возраст од 41 година е уапсен по пријава дека заедно со својот татко физички нападнал лекар и медицинска сестра на поликлиниката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

















