„Повеќе кучиња, кои изгледаат како да се од исто легло, пронајдени се мртви, едно покрај друго, на отворен јавен простор во населбата Бутел, Скопје. Според информациите со кои располагаме, животните се отруени“, велат од Анима Мунди.
„Крајно е необично и загрижувачки што сите се пронајдени на истото место. Дали биле отруени таму? Дали некој ги донел и ги оставил едно покрај друго? Имаат ли сопственик, зошто личат како загари од исто легло? Што точно се случило?
Бараме МВР и Агенцијата за храна и ветеринарство ИТНО да излезат на терен во Бутел, да извршат увид, да обезбедат докази, да ја утврдат причината за смртта и да ги проверат околните безбедносни камери. Потребно е да се утврди и потеклото на животните, како и евентуалниот сторител.
Ќе се сфати ли конечно дека отровот не убива само кучиња. Тој може да убие и друго животно, но и да убие за 5 минути човек, особено дете. Ова е сериозна закана за јавната безбедност, а не само случај на суровост кон животните.
Член 233 од Кривичниот законик предвидува санкции за убивање животни без оправдана причина и нивно мачење.
Бараме итна истрага, институционално постапување и одговорност. Не дозволуваме уште еден ваков случај да заврши со институционална штама и заборав.
Кој ги уби овие животни? Кој ги остави таму? И повторно ли никој нема да одговара?“, прашуваат од Анима Мунди преку соопштението.



















