Премиерот Христијан Мицкоски им порача на младите кои протестираат против насилството врз жените дека во него можат да гледаат соговорник и соработник во борбата против насилството. Тој ја поддржа кампањата, но порача дека политиката треба да биде надвор од соочувањето со овој проблем и дека насилството не смее да се користи за партиски цели.
„Никогаш не си дозволувам да престанам да слушам, дури и оние кои мислат различно, па некогаш и погрешно. За да се разбереме, мора прво да се чуеме. Не си дозволувам некој глас да биде стишен, напротив, за секој има место под ова наше парче небо. Го следев последниот протест на младите организиран против насилството врз жените пред Владата. Ја разбирам и прифаќам нивната бунтовност, нивните ставови и пораки“, рече Мицкоски на конференцијата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека е шокиран од низата случаи на насилство врз жените и дека тие мора да добијат институционален одговор, не само од МВР, туку и од превентивните механизми, обвинителството и судовите.
„На тие млади кои протестираа сакам да им порачам дека во мене можете да гледате соговорник и соработник во борбата да се спротивставиме на насилството. Мораме да бидеме реални и објективни и да кажеме дека тоа не почна пред две години или со оваа Влада. Најмалку во тие случаи треба да има политика или партиска припадност, па колку и да сакаат одредени кругови од опозицијата да најдат свој интерес за политиканство и игра со човечки судбини, па дури и на овие теми“, рече премиерот.
Мицкоски оцени дека насилството е последица на длабоки општествени проблеми, разорен систем, губење на моралот, принципите и семејните вредности, но и ниското ниво на општествена и политичка култура.
Тој упати критики и кон политичките противници, обвинувајќи ги за ширење омраза, дезинформации и создавање недоверба.
„Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, за сеење омраза, лепење етикети, секојдневно блуење невистини, фрлање кал. Каков пример се дава кога се сака да се вметне недоверба и кога сето тоа се прави од личности кои се компромитирани, девалвирани со афери, неми послушници на нивните газди кои преку нив самите делуваат не затоа што ја сакаат татковината, туку затоа што така се бранат себеси и своите милиони“, рече Мицкоски.
Тој повика на општествена дебата за насилството и најави дека младите можат да се вклучат и во дебатата за предложените законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство.
„Вистинските решенија се носат на маса и низ дијалог“, порача премиерот.
Во обраќањето Мицкоски се осврна и на критиките од опозицијата, обвинувајќи ја дека шири дефетизам и дека секој успех на Владата се обидува да го претстави како неуспех.
Како пример го посочи случајот со „Алта банка“, за која рече дека проблемот е увезен поради пропаѓањето на матичната банка во Србија. Тој уверуваше дека банката ќе биде спасена и дека парите на граѓаните ќе останат достапни.
Мицкоски зборуваше и за економските состојби, тврдејќи дека Македонија има меѓу најдобрите три економски резултати во Европа, со зауздана инфлација и пониски цени на горивата и електричната енергија во споредба со земјите од регионот и пошироко.


















