Детското игралиште зад Универзалната сала во Центар е целосно реконструирано. Најмалите центарци добија современо, безбедно и уредено место за игра, рекреација и дружење.

На игралиштето се поставени две нови кули, четири тобогани, мост, две коњчиња, абакус-табла и клацкалка. Поставени се нова заштитна подлога и ограда, а обновена е и урбаната опрема. Поправени се двете клупи, поставени корпи за отпадоци, додека двојната лулашка е целосно реновирана, извести Општината.

„Центар доби уште едно убаво и безбедно место за игра и дружење на најмладите. Со обновувањето на детските игралишта вложуваме во посреќно детство и подобри услови за нашите деца. Продолжуваме со реконструкција на игралиштата низ Центар, за секое дете да има свое уредено и безбедно катче за игра, а родителите да бидат спокојни“, порача градоначалникот Герасимовски.

Тој апелираше до граѓаните совесно да ги користат и да ги чуваат поставените реквизити и урбаната опрема.

„Само со заедничка грижа можеме да ги зачуваме игралиштата уредни, функционални и безбедни за сите“, рече Герасимовски.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.