Русија предупреди дека ќе ги смета странските војници присутни во Украина за легитимни воени цели, откако Франција потврди дека повремено испраќа свои трупи таму за обука на украинските сили и одржување на воената опрема, пренесува АП.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ја обвини Франција за директна вмешаност во војната. „Ова веќе не е само ’поддршка за Украина‘, туку директно учество во војната“, изјави Лавров на прес-конференција во Манила, Филипини.
Тој додаде дека Русија е свесна и за присуството на воен персонал од други земји во Украина и веќе упатила предупредувања до тие држави.
Франција ги отфрла руските обвинувања, тврдејќи дека нејзините војници во Украина не учествуваат во борбени дејствија. Француската заменик-министерка за одбрана, Алис Руфо, за францускиот медиум RMC изјави дека многу мал број француски војници и експерти повремено престојуваат во Украина.
Меѓу нив има инженери за вооружување кои помагаат во одржувањето на воената опрема што Франција ѝ ја испорачала на Украина, вклучително и борбените авиони „Мираж“ и хаубиците „Цезар“. Руфо нагласи дека нивните активности се одвиваат далеку од линијата на фронтот и дека француските војници немаат намера да учествуваат во борби.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, вчера потврди дека овие активности се спроведуваат во ограничен обем, нагласувајќи дека Франција не е страна во војната против Русија и нема намера да стане таква.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година, десетици земји обучиле повеќе од 100.000 украински војници. Оваа обука главно се одвивала надвор од Украина – вклучително и во Франција, Обединетото Кралство, САД, Полска и Германија.
Таму, украинските војници учеле да ракуваат со американските системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, борбени авиони Ф-16 и друга воена опрема. Земјите-сојузнички, исто така, обучувале нови војници, офицери, медицински персонал и други стручњаци потребни за водење војна.

















