Полицијата поднесе кривична пријава за „примање поткуп“ против вработен во Дирекцијата за заштита и спасување. Тој бил пријавен во полиција дека барал мито од 500 евра.

Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до OJO Скопје, поднесе кривична пријава против Љ.Н.(63) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 1 од Кривичниот законик.

„Пријавениот Љ.Н. вработен во Дирекцијата за заштита и спасување и со решение овластен да потпишува, дава мислење и издава согласност на просторни и урбанистички планови и проекти од аспект на заштитата и спасувањето и елаборати за заштита од пожари, експлозии и опасни материи преку електронскиот систем Е-урбанизам и Е-градежна дозвола за подрачно одделение за заштита и спасување Центар, на 12.11.2026 од едно лице побарал парични средства во износ од 500 евра“, информира МВР.

Имено, на 12.11.2026 лицето отишло во просториите на ДЗС и се сретнало со пријавениот за да праша до каде е статусот на неговиот предмет поднесен во општина Центар, при што Љ.Н. му ги побарал парите за да потпише и покрај недостатоците.

На 17.11.2026 тие повторно се сретнале и лицето му ги дало парите. Веднаш потоа бил запрен од полициски службеници, по што се обидел да побегне, но бил фатен и уапсен, а бил пронајден и одземен ковертот со парите.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.