По повод Светскиот ден за спречување и заздравување од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз децата, денеска во Собранието се одржа настанот насловен „Заштита на децата од сексуална експлоатација и онлајн и офлајн злоупотреба: Можности за воспоставување национална линија за пријавување CSAM“.
Настанот се реализираше во рамки на проектот „Безбеден интернет за деца и млади“, кој го спроведува Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, во партнерство со ИМПЕТУС. Целта на проектот е воспоставување одржлив и интегриран национален систем за заштита на децата и младите во дигиталната средина, преку унапредување на постојните механизми за помош, советување и пријавување штетни и незаконски содржини на интернет.
Настанот го отвори пратеничката и претседателка на Клубот на жени пратенички во Собранието, Јованка Тренчевска, која во своето воведно обраќање ја истакна важноста од подигнување на јавната свест за ова исклучително значајно прашање. Таа се осврна и на Предлог-законот за заштита на малолетните лица при користење дигитални услуги и социјални мрежи, кој во моментов е во собраниска процедура.
Гонце Јаковлеска, претставничка на Цивика мобилитас, истакна дека нивниот фокус во овој период е премин од дијалог кон конкретни постигнувања. Таа нагласи дека веќе постојат истражувања и податоци кои ја потврдуваат сериозноста на проблемот и дека преку вакви иницијативи се очекува да се придонесе кон промени и воспоставување соодветни механизми за заштита.
Претседателката на ИМПЕТУС, Лилјана Пецова Илиеска, ја истакна улогата на организацијата во поддршката на младите, особено како поврзувачка точка меѓу граѓаните и институциите. Таа посочи дека граѓаните можат да се обратат до ИМПЕТУС за проблемите со кои се соочуваат на дигиталните платформи и да добијат соодветна консултација и насоки за понатамошно постапување.
Меѓу клучните предизвици што ги посочи беа сложеноста на механизмите за пријавување проблеми на дигиталните платформи, недоволната информираност за постојните механизми, како и поврзаноста меѓу заканите во дигиталниот простор и последиците во реалниот живот.
Директорот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Жарко Змијанац, нагласи дека основната улога на организацијата е застапување на правата и потребите на децата, поради што е неопходно да се изнајдат функционални механизми и соодветни форми на заштита.
Тој посочи дека, само 0,2 проценти од постојните случаи се пријавени на СОС-линијата, што укажува на сериозен проблем со недоволната доверба кај младите и нивната информираност за тоа каде и кому можат да се обратат.
Како еден од приоритетите ја истакна потребата од унапредување на платформата „Ало Бушавко“ и линијата 116 – 111, со цел нивно зајакнување како доверливи контакт-точки преку кои децата и младите ќе можат да пријават различни форми на насилство и да добијат соодветна поддршка.
Во продолжение следеше онлајн презентација на Клои Комсток од Меѓународната мрежа на линии за пријавување материјали со сексуална злоупотреба на деца – INHOPE, на тема „Како функционираат линиите за пријавување и меѓународната соработка“. Презентацијата ги опфати функционирањето на овие механизми, нивната улога во откривањето и пријавувањето незаконски содржини, како и значењето на меѓународната соработка.
Во рамки на понатамошната дискусија беа опфатени улогите и надлежностите на клучните институции во процесот „Од пријава до институционално постапување“, со посебен осврт на Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и институциите надлежни за заштита на децата.
Беше разгледана и судската перспектива во постапувањето по предмети поврзани со материјали со сексуална злоупотреба на деца (CSAM), при што беше истакнато значењето на навременото пријавување и зачувувањето на доказите.


















