Општина Крива Паланка, заедно со жителите од засегнатите села, денес поднесува неколку кривични пријави до надлежното јавно обвинителство поради непостапување по извршните решенија за одземање на добитокот. Ова го соопшти градоначалникот Сашко Митовски во обраќањето пред Основниот суд во Крива Паланка, во присуство на мештани чии семејства трпат штети од стадата што се движат без надзор.
Со пријавите се бара обвинителството да го испита постапувањето на службените лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Агенцијата за управување со одземен имот. Општината бара да се утврди кој бил должен да постапи по решенијата, дали имало злоупотреба на службената положба и дали со пропустите биле загрозени здравјето и безбедноста на граѓаните.
„Трпението на граѓаните е при крај. На седницата на Општинскиот кризен штаб побаравме конкретен план и рок. Сè уште не знаеме кога Агенцијата ќе почне да ги спроведува сопствените решенија. Побарав и да ми ја дадат потребната надлежност за да можам како градоначалник да преземам одговорност за решавање на проблемот. До денес немам одговор ни на тоа барање“, изјави Митовски.
Општината поднесува и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, со барање да се испита дали во овој случај постојат елементи на корупција. До Државниот управен инспекторат поднесува барање за вонреден инспекциски надзор за да се утврди кои дејства биле преземени по донесувањето на решенијата, каде запрела постапката и кој е одговорен за евентуалните пропусти.
Митовски посочи дека, додека семејствата чекаат надлежните да постапат, стадата и понатаму влегуваат во нивите и се движат по патиштата. Деновиве добиток беше забележан и во дворот на средното училиште во Крива Паланка.
Градоначалникот ги повика сограѓаните на мирен граѓански протест во сабота, 21 ноември, во 11 часот, на клучката кај мотелот „МКД“.
„Ги повикувам сите наши сограѓани, од градот и од селата, да застанеме покрај семејствата што предолго ја носат оваа мака. Мирно и достоинствено, заедно да побараме да се спроведат решенијата и да се стават стадата под контрола. Да ставиме крај на ова понижување за кое ни се смее светот“, порача Митовски.



















