Единаесет лица, меѓу кои и едно 11-годишно момче, се повредени денес во руски напад врз пазар во градот Златопил, во регионот Харков. На пазарните штандови избувнал пожар, а на терен се наоѓаат службите за итни случаи, пренесува „Украинска правда“.

Информацијата ја потврди Олег Синегубов, шеф на Регионалната воена управа на Харков. „Според моменталните информации, повредени се 11 лица, меѓу кои и едно 11-годишно момче. Медицинските екипи им ја укажуваат потребната помош на сите“, изјави тој.

Четири жртви во регионот ДоњецкЕден ден претходно, на 17 ноември, руските сили убија четворица цивили во регионот Доњецк. Вадим Филашкин, шеф на регионалната воена управа, соопшти дека две лица загинале во Славјанск, додека по едно лице загинало во населбите Шабелкивка и Јасногорка.

„На 17 ноември, Русите убија четворица жители на регионот Доњецк: двајца во Славјанск, еден во Шабелкивка и еден во Јасногорка“, напиша Филашкин на Телеграм. Тој напомена дека вкупниот број на жртви во регионот не ги вклучува оние што загинале во Мариупол и Волноваха.

Овие напади се дел од континуираната серија удари врз цивилни цели. Според воената управа, на 14 ноември во регионот Доњецк биле ранети четири лица – три во Славјанск и едно во Краматорск. Истиот ден, во регионот Харков биле повредени 14 лица, меѓу кои и четири деца.