Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека серијата неодамнешни технолошки прекини што ги погодија САД се меѓусебно независни, отфрлајќи ги шпекулациите за координиран напад. Тој им изјави на новинарите дека „не постојат докази“ кои би укажувале на каква било поврзаност, пренесува Би-Би-Си.
Рубио призна дека низата дефекти – кои вклучуваа приземјување на сите летови низ земјата, како и сериозни прекини во банкарските услуги и платформите управувани од „Епл“ и „Мајкрософт“ – предизвикаа загриженост кај јавноста. „Не сме изложени на системски напад“, изјави тој. „Овие настани се независни; тие не се поврзани еден со друг.“ Експертите за сајбер-безбедност се согласуваат дека нема докази што би ги поврзале овие прекини, а се чини дека повеќето проблеми произлегле од ажурирања на застарена инфраструктура.
Секоја од погодените компании или агенции изјави дека проблемите не се поврзани ниту со сајбер-криминал, ниту пак се дело на надворешен актер. Изјавата на Рубио дојде неколку часа по коментарите на директорот на националното разузнавање, Џеј Клејтон. Тој за „Фокс њуз“ изјави дека прекините не се резултат на сајбер-напад, објаснувајќи дека „многу институции“ моментално вршат надградба на своите системи или инсталираат софтверски закрпи, што довело до одредени пречки во функционирањето.
На прашањето дали администрацијата на Трамп е загрижена дека стравот кај јавноста би можел да доведе до создавање залихи или масовно повлекување средства од банките, Рубио одговори дека најдобриот начин за справување со таквите грижи е владата да ги сподели сите достапни информации со јавноста.
„Сите показатели со кои располагаме укажуваат на тоа дека секој од овие настани има објаснување или причина што нема никаква врска со сајбер-криминалци, непријателски актери или други држави“, рече тој.

















