Иако медицината сè уште ги истражува постковид ефектите, неколку се повторуваат кај голем број пациенти. Еден од нив, можеби и најприсутниот, е заморот.
Речиси и да нема пациент кој „прележал“ ковид-инфекција, а да не чувствува подолго или пократко време замор, немање кондиција или брзо губење на силата при физичка активност. Физиотерапевтите од Клиника „Жан Митрев“ одговараат на повеќе прашања поврзани со оваа тема, потенцирајќи дека опоравувањето од ковид-19 несомнено е процес кој подолго трае. Исто така ги наведуваат податоците од достапните медицински истражувања, но и од нивните лични искуства. Досегашните медицински сознанија говорат за тоа дека типичните симптоми кај дури 35% од пациентите кои прележале коронавирус, по акутната фаза, вклучуваат замор, диспнеа, болки во градите и кашлица. А освен физички, значителен број луѓе, имаат и психички проблеми, како анксиозност, депресија, симптоми слични на посттрауматско стресно пореметување. Некои симптоми исчезнуваат побрзо, односно по 2-4 недели, а некои можат да бидат присутни според актуелно достапните сознанија и 4 до 6 месеци.
Терминот „лонг ковид“ (Long covid – пролонгиран/долг ковид) сè уште не е признаен како официјален медицински термин, велат физиотерапевтите, но сепак го објаснуваат како термин кој ја опишува состојбата на луѓето на кои не им поминуваат симптомите на вирусот подолг временски период, споредено со периодот од две недели, кој според СЗО е предвиден за едно лице да се зарази и да ја прележи болеста.
Мијалгичен енцефаломиелитис е болест, наречена синдром на хроничен замор, која е невроимуна состојба со симптоми што вклучуваат продолжен замор, болки во мускулите, главоболки, летаргија, недостаток на енергија, несоница и апатија. Ова се само некои од симптомите на оваа болест кои можат да траат со децении. Тука се поставува прашањето дали ковид-19 е еден од многуте вируси што потенцијално може да ја активира оваа состојба, или дали ќе биде поттикнувач за некој нов синдром, кој би бил со сосема различен исход? Оваа болест е состојба за која сè уште не се знае доволно, но заморот како дел од горенаведените симптоми може да трае подолго и од 24 часа и да се јави после секој напор, лош сон, силна главоболка, или после која било минимална активност. Постојат истражувања што ја докажуваат потребата од трајна нега за пациентите после отпуштање од болничко лекување, особено оние кои имале сериозна инфекција. Студијата открива дека 76% од пациентите се изјасниле дека сѐ уште имаат симтоми. Замор или слабост на мускулите пријавиле 63%, додека 26% имале проблем со спиењето.
Зошто е потребна физиотерапевтска проценка на пациентите кои го прележале ковид-19?
Препораките предвидуваат дека пациентот треба да се јави на физиотерапевтска проценка две недели по излегувањето од болница или откако симптомите ќе бидат намалени. Секако неопходна е физиотерапевтска проценка и доколку симптомите продолжиле или се развиле во нови функционални ограничувања. Оваа консултација со физиотерапевтот се спроведува со цел да се утврди состојбата на воочените ограничувања во физичкото функционирање на кои се жали пациентот. Физиотерапевтите преку примена на соодветни мерења и тестирања можат да го проценат физичкиот и белодробниот статус на пациентот преку соодветни функционални тестови и мерења и да дадат предлог за започнување со процесот на постковид-физиотерапија. Друг важен фактор е да се провери постоењето на коморбидитети стекнати пред или од ковид-19, вклучувајќи ги и евентуално погодените органи. Врз основа на добиените информации од други медицински прегледи и од самиот пациент, заедно со специфичните потреби на пациентот, физиотерапевтот одлучува дали постои индикација за физиотерапија. Резултатите од тестовите пак, ќе ја покажат моменталната физичка кондиција на пациентот, а тоа е дополнителна информација што ќе му помогне на физиотерапевтот да направи соодветна програма со специфични вежби и да го води пациентот низ процесот на рехабилитација според неговите потреби и цели. Физиотерапијата има голем број техники и методи што можат да се искористат за да влијаат на подобрувањето на физичкиот и белодоробниот капацитет. Предност има респираторната физиотерапија, која може да биде комбинирана со дополнителен третман за мускулно-скелетниот систем, доколку дозволува моменталниот статус на пациентот. Индивидуалниот план за физиотерапија може да содржи специфични вежби со ерговелосипеди, тренажери, респираторна физиотерапија, електротерапија за зајакнување на мускулатурата и слично. Дел од третманите може да бидат спроведувани и во домашни услови, преку индивидулани програми со вежби за кои пациентот ќе биде едуциран за правилно спроведување и контролиран преку онлајн-консултации.
Тимот на Клиничката болница „Жан Митрев“ ви стои на располагање!
За информации поврзани со Вашето здравје информирајте се или закажете на телефон 02 309 1484 во Клиника „Жан Митрев“.
(комерцијален текст)