Домашни производители на храна утре, сабота (14 ноември 2026 година), ќе се претстават на саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“, кој ќе се одржи кај Школка во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 10:00 часот. На почетокот на настанот е предвидено обраќање и на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
Посетителите ќе можат да вкусат млечни производи и месни преработки, ајвар, лутеница, маџун, мармалади и путери од лешник и други јаткасти плодови. Изложувачите ќе се претстават и со вино, ракија, сокови од овошје и шумски плодови, како и органски производи.
„На македонската трпеза секој крај носи нешто свое. Во богатството од вкусови и во квалитетот на традиционалната храна се препознаваат и даровите на природата и вештината што семејствата ја пренесуваат од колено на колено. Трудот зад тие производи заслужува почит, а нивниот квалитет треба соодветно да се вреднува и на пазарот. Ќе продолжиме да ги поддржуваме производителите на традиционална храна за да можат да ја развиваат својата понуда и да стигнат до повеќе потрошувачи“, истакнува министерот Борче Серафимовски.
Дегустациите на домашна храна и средбите со производителите ќе бидат надополнети со културно-уметничка програма со етно музика и настапи на пејачки и играорни групи.
Саемот ја истакнува и улогата која ја има локалната храна во развојот на руралниот туризам.
Саемот го организира здружението „Ж’та“ од Кавадарци, избрано по јавен повик, под покровителство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За настанот е обезбеден буџет од еден милион денари преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година.

















