„Пред македонската јавност го презентираме клучниот факт кој директно го поврзува најблиското семејно опкружување на Али Ахмети со контроверзниот српски бизнисмен Давор Мацура и белградската „Алта банка“.
Додека Али Ахмети и врвот на ДУИ со години јавно продаваа лажен патриотизам, далеку од очите јавноста нивната семејна бизнис-мрежа склучувала милионски договори директно во Белград. Денес, кога сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, се наоѓа во притвор во Србија, а Народната банка мораше да воведе привремена администрација за да го заштити македонскиот банкарски систем, трагите на парите водат директно до Зајас и Кичево“, истакнуваат од „Вреди“.
Во центарот на оваа операција, како што додаваат од оваа партија, е кичевската компанија „АС Сењак“, фирма во сопственост на Селаудин Арифи, сват на Али Ахмети, која, како што велат, на јавноста веќе ѝ е добро позната како партнер на внукот Дрин Ахмети во милионското преземање на “Соравија”.
„На 9 јуни 2025 година, токму во екот на подготовките за влез на српската „Алта банка“ во Македонија, компанија во која косопственик е токму „АС Сењак“ на сватот на Ахмети, добива кредит од 5 милиони евра и тоа директно од централата на „Алта банка“ во Белград.
Јавно го прашуваме Али Ахмети и врвот на ДУИ:По која економска логика и за какви заслуги банката на Давор Мацура од Белград исплаќа 5 милиони евра свеж капитал на фирма директно поврзана со семејството на Ахмети?Како е можно банка од Србија, токму во моментот кога бара начин за влез и купување на Стопанска банка Битола во Македонија, да кредитира со милионски суми фирми на сватот на лидерот на партијата чии кадри, Фатмир Бесими, Бујар Османи и Артан Груби со години ги контролираа финансиските и државните текови?Дали со овие 5 милиони евра кредит исплатени од Белград за семејната мрежа на Ахмети, Давор Мацура всушност си ја платил политичката поддршка и си го купил влезот во македонскиот банкарски систем“.
Ова, оценуваат во „Вреди“ не е обичен бизнис, туку класична шема на политичко-финансиска корупција.
Од партијата го повикуваат Јавното обвинителство и Управата за финансиско разузнавање веднаш да ги отворат меѓународните трансакции од 9 јуни 2025 година и да ги испитаат околностите под кои услови е одобрен кредитот од Белград, со каков залог е покриен и на чии сметки во Македонија завршиле, како што истакнуваат од „Вреди“ петте милиони евра од „Алта банка“?
„На Али Ахмети и на ДУИ им порачуваме да не се кријат зад празни политички пароли, бидејќи веќе на следната прес-конференција ќе објавиме што точно се случило само три месеци по легнувањето на овие 5 милиони евра од Белград“.

















