Состојбата во Европа е жестоко алармантна, цените на берзите се историски највисоки, кажа премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за цените на енергенсите и состојбата со цената на струјата и парното на домашниот пазар.
„Ние сигурно како Влада, односно АД „ЕСМ“ на јавниот повик на „ЕВН хоум“ ќе доставиме понуда која ќе биде со иста цена како минатата, значи нема да бара поскапување на цената. Што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула, односно да нема поскапување“, потенцира Мицкоски.
Но тоа, како што рече, не може да се каже за приватните субјекти, бидејќи според Мицкоски тоа е нивна суверена политика.
„Јас тука не можам да интеревнирам, но тоа кое зависи од државата, ние направивме еден таков модел, што изминативе денови го разработувавме со АД „ЕС“. Направивме еден бизнис план со кој нема да бараме покачување на цената на струјата, производот ќе биде по иста цена и на крајот од 2027 година ќе целиме на профит кој би го остварила оваа компанија“.
Што се однесува до топлификација, Мицкоски истакна дека тука се бара многу големо поскапување.
„Цената на гас е трипати поголема од минатогодишната цена за истиот период. Но и тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цената, односно да биде во рамките на нешто што максимум, односно минимум може да се издржи. И со тоа ќе бидеме земја со убедливо најниски цени на дизел и безоловен бензин и на електрична енергија и затоплување во Европа“.
Приоритет на Владата, како што рече Мицкоски, е заштита на стандардот, но ситуацијата како што додаде е алармантна.
„Не знам до кога ова ќе може да се издржи, но до овој момент ние со нашите механизми кои ни стојат на распллагање успеавме да се спротивставиме на овој удар“, нагласи Мицкоски.















