Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денеска престојуваше во работна посета на Општина Радовиш, каде што оствари средба со градоначалникот Љупче Почивалец, на која се разговараше за реализацијата на тековните и планираните инфраструктурни проекти, како и за натамошното унапредување на соработката меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и локалната самоуправа во општина Радовиш.

Во рамките на посетата, заменик-министерката Лашкоска и градоначалникот Почивалец извршија увид во реализацијата на проектот за уредување на речното корито на Ораовичка Река, за кој Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Програмите за води за 2025 и 2026 година, има обезбедено 12 милиони денари.

Посебно внимание на работната средба беше посветено и на планираниот проект за изградба на водоводна, фекална и атмосферска канализациска мрежа во Урбан блок 15 во Радовиш, чија реализација е предвидена со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање.

На средбата беше нагласено дека успешното спроведување на инфраструктурните проекти бара континуирана координација и партнерство меѓу централната и локалната власт, со јасно утврдени приоритети кои произлегуваат од реалните потреби на населението.

„Граѓаните не ја мерат успешноста на институциите само според вложените средства, туку според подобрувањата што ги чувствуваат во своето секојдневие. Токму затоа, секој реализиран проект, секој метар изградена водоводна или канализациска мрежа и секое уредено речно корито за нас претставуваат вложување во нивната сигурност, здравје и поквалитетен живот. Нашата цел е инвестициите во животната средина да бидат видливи преку конкретни придобивки за граѓаните и да создаваат трајни вредности за идните генерации“, истакна заменик-министерката Лашкоска.