Службата за безбедност на Украина (СБУ) изведе операција завчеравечер, при што беше погоден рускиот ракетен брод „Наро-Фоминск“ – пловило од класата „Бујан-М“ (Проект 21631) со тежина од 850 тони, соопштија од СБУ, а пренесува „Украинска правда“.
Овој воен брод, кој ѝ припаѓа на руската Балтичка флота и е пуштен во употреба во 2022 година, е опремен со универзален систем за вертикално лансирање „Калибар-НК“ со осум ќелии, како и со лансери за крстосувачки ракети „Оникс“. Покрај тоа, бродот поседува и поморски топ од 100 мм, противвоздушна артилерија и митралези.
Воениот брод беше цел на напад како одговор на руската агресија, во рамките на поширока операција на украинските одбранбени сили, при што беше погодена и нафтена инфраструктура во пристаништето Уст-Луга, во руската Ленинградска област.
Од СБУ наведоа дека нападот врз бродот бил однапред испланиран и изведен за време на ноќна операција.
Понатаму, украинските власти во моментов проверуваат информации за можно уништување на руски воени хеликоптери за време на истата ноќна операција.
„Овој брод е носач на крстосувачки ракети ’Калибар‘ и ’Оникс‘. Пуштен е во употреба во 2022 година“, соопштија од СБУ за погодениот воен брод.


















