Оставањето на прозорецот подотворен на кип изгледа како практичен начин постојано да влегува свеж воздух во просторијата. Меѓутоа, во зима ваквиот начин на проветрување може да предизвика ладење на ѕидовите и мебелот, додека греењето постојано се обидува да ја надомести изгубената топлина.

Експертите препорачуваат кратко и интензивно проветрување наместо долготрајно држење на прозорците подотворени.

Се советува истовремено да се отворат најмалку два прозорци за да се создаде провев, во времетраење од околу пет до десет минути. Точното време зависи од надворешната температура, ветрот и распоредот на прозорците.

На овој начин воздухот побрзо се заменува, а ѕидовите и мебелот немаат доволно време значително да се изладат. По затворањето на прозорците, потребно е помалку дополнително загревање на просторијата.

Особено е важно да се проветрува по готвење, туширање и сушење алишта, кога се зголемува влажноста во воздухот. Доколку прозорците често се замаглуваат, тоа може да биде знак дека треба да се проверат влажноста и вентилацијата.

Целта е да се обезбеди свеж воздух со што помала загуба на топлина, а краткото проветрување со широко отворени прозорци најчесто е поефикасно од нивното повеќечасовно држење подотворени.