Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во „Алта банка“ АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност, упати низа прашања до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, потенцирајќи за одговорноста на Владата за постапките поврзани со преземањето на банката и располагањето со акциите на јавните институции.
Битиќи посочи дека институционалните пропусти, корупцијата и злоупотребата на политичката моќ стануваат сериозен проблем кога јавниот интерес е ставен во втор план.
„Институционалните пропусти престануваат да бидат исклучок, а привилегиите стануваат правило, а јавниот интерес ја губи битката со авторитарната политичка моќ кога тоа ќе се злоупотреби. И овде денеска ќе зборувам за не субјективна оценка, туку за тоа што и Европската комисија ви кажува, а тоа е дека оваа Влада не се справува и воопшто не сака да се справува со корупцијата“, истакна Битиќи.
Битиќи посочи дека случајот со „Алта банка“ отвора сериозни прашања за тоа дали институциите навремено ги препознале ризиците и дали Владата постапувала во согласност со јавниот интерес.„И затоа во овој коруптивен и декадентен контекст случајот „Алта“ бара сериозен одговор на прашањето дали системот во кој вие учествувате и носите одговорност навремено сте ги препознале ризиците“, рече Битиќи.
Битиќи се повика на конкретна хронологија и документирани владини постапки, посочувајќи дека на 1 септември 2025 година Народната банка дала согласност за преземање на Стопанска банка Битола од страна на „Алта банка“, а на 23 септември 2025 година Владата донела три заклучоци поврзани со понудата за акции на 16 јавни институции.
„Да се навратиме на фактите. Гувернерот кажа минатата година се откупени акциите. На 1 септември 2025 година Народната банка дала согласност за преземање на Стопанска банка Битола од „Алта банка“. На 23 септември, само 25 дена пред изборите, на ваш личен предлог, на прашања и предлози, Владата донела три заклучоци за понудата на „Алта банка“ кои опфаќале акции на 16 јавни институции.
Првиот предвидувал разгледување на понудата, а вториот, доколку нема законски пречки, доставување писмена изјава за нејзино прифаќање најдоцна до 10 октомври, девет дена пред изборите“, посочи Битиќи.
Тој нагласи дека станува збор за факти содржани во владин записник, со што ја доведе во прашање изјавата на министерката дека не била консултирана за влезот на „Алта банка“.
„Министерке, ова не е политичка интерпретација, ова е содржина на владин записник, а вие потоа тврдевте дека не сте биле консултирани за влезот на банката. Можеби не сте биле вклучени во регулаторната постапка. Но вашата улога во владините заклучоци е фактографски документирана“, нагласи Битиќи.
Дополнително, тој отвори прашање за изложеноста на јавните институции и јавните претпријатија кон „Алта банка“, посочувајќи дека шест битолски јавни претпријатија имале пријавено 13,4 милиони денари во банката.
Битиќи побара од министерката конкретни одговори за бројот и вредноста на продадените акции, начинот на утврдување на цената и проценката врз основа на која биле донесени одлуките.„И затоа прашувам колку акции навистина продадоа овие 16 институции, по која цена и врз основа на каква проценка? Зошто во целиот процес не е вклучено Државното правобранителство, а оваа надлежност му е дадена на Генералниот секретаријат на Владата? И дали по преземањето некој од политичките кабинети навистина давал инструкции или препораки јавни средства да се насочуваат кон оваа банка?“, праша Битиќи.



















